
Александра Спасеска (1984) живее и работи во Скопје. Таа е новинарка, преведувачка, авторка и активистка, со ангажмани во граѓанскиот сектор како истражувачка и менторка.
„Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојна објавена книга, во издание на ПНВ Публикации (2023). Нејзиниот втор поетски ракопис, „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. За песната „Имало денови“ ја доби втората награда на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) што во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ ја додели наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ за 2024 година.
Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, меѓу кои книжевниот прилог „Ш“ на студентското списание „Излез“, „(е)Лит“, reper.net.mk; како и печатени антологии и панорами, меѓу кои „Антологија на младата македонска авангардна поезија“ (Феникс, 2012), „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (ПНВ Публикации, 2023), „Антологија на копнежот од современата македонска поезија“ (ТРИ, 2024), зборникот „Поетско Маркукуле“ (здружение Клуб на литературни творци Прилеп, 2024). Спасеска е единствената поетеса од земјава застапена во првото печатено издание на книжевниот зборник The San Antonio Review од Сан Антонио, Тексас.
Била учесничка на Скопски поетски фестивал, настаните на „Астални проекции“ и застапена е во истоимениот зборник; објавена е во панорамата „Допир“ (2019), и списанието за литература „Современост“; има учествувано во неколку изданија на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ како авторка и преведувачка; на манифестацијата по повод Меѓународниот ден на културната разноликост на ОН и УНЕСКО во организација на ПЕН, манифестацијата „Песнило“ во организација на МКЦ, како и „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“.
Спасеска е меѓу застапените автори во каталогот со кој Македонската асоцијација на издавачи се претстави на Саемот на книга во Франкфурт, во 2024 и 2025 година.
Има соработувано со повеќе македонски автори како преведувачка и препејувачка, за нивно претставување на фестивали и настани, како Струшките вечери на поезијата. Во 2025 година издавачката куќа „Илика“ го објави романот „Дух во грлото“ на ирската поетеса и писателка Дорин Ни Грофа во превод на Спасеска од англиски јазик.