Ани Ерно е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за (како што изјави комисијата) „храброста“ и клиничката острина со која ги отвкрива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија.
Родена е во 1940 г. Во Лилбон, Нормандија, а детството го поминува во Ивто, блису Руан. Во Ивто нејзините родители поседуваат мало кафуле и продавничка, кое се наоѓа делот од градот населен главно од луѓе од работничката класа. Во 1960 г. Оди да работи како негувателка во Лондон, случка што е опишана во книгата Девојчински спомени. По враќањето од Англија се запишува најпрво на универзитетот во Руан, а потоа во Бордо, каде што стекнува дипомиод областа на образованието и литературата.
Во наредните години Ерно работи во низа образовни институции како професорка и предавач. Првиот роман насловен Празни шкафови (Les Armoires vides) го објавува во 1974 година. Пробивот во светот на книжевноста го прави со делото Местото (La Place), со кое ја добива наградата „Теофаст Ренодо“ десет години подоцна. Некаде околу тој период таа преминува од пишување автобиографски романи, кон дела што тешко се класифицираат, но кои се секогаш втемелени врз фактите и случувањата во нејзиниот живот, обликувани и протолкувани со помош на техниките на фикцијата. Во кариера што трае повеќе од педесет години, Ерно објавува повеќе од дваесет книги во кои покрива најразлични теми, како што се: сопствениот брак во Замрзната жена (La femme gelèe, 1981), животот и смртта на нејзините родители во Срамота (La Honte, 1997), страсната афера со источноевропскиот дипломат во Едноставна страст (Passion simple, 1991), траумите од абортирањето во Настанот (L’ Événement, 2000) и многу други.
Покрај тоа што добиваат ред награди и се преведени на повеќе од дваесет јазици, делата на Ерно извршуваат длабоко влијание врз следните генерации француски писатели, особено врз Дидје Ерибон и Едуар Луј.
Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна, па сé до почетоците на XXI век, Годините претставува уште едно нурнување на Ани Ерно во сликите на сопствените сеќавања и повторен обид да се прикаже врската помеѓу два речиси еднакво недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува и објективното „таа“, врз коешто историјата го втиснува својот груб печат.
Со оваа книга француската нобеловка востановува еден нов вид на автобиографско пишување- жанр што американскиот писател Едмунд Вајд парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено, субјективна и имперсонална, приватна и колективна, во ова дело Ерно си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикаже животот и времињата на една генерација.